1. Закани за биодиверзитетот во С.Македонија
Националната стратегија за биолошка разновидност во Македонија ги анализира и рангира заканите за биодиверзитетот во Македонија, десетте најголеми закани кои имаат многу висок приоритет се:
- Напуштање/недостиг на косење на земјоделски површини
- Напуштање на пасторални системи
Овие две закани се појавуваат поради напуштање на традиционалните начини на користење на ливадите и пасиштата т.е. иселување на руралните предели и намалување на сточен фонд.
- Површински рудници.
Рудниците и каменоломите предизвикуваат трајна загуба на живеалишта на голем број значајни видови.
- Континуирана урбанизација
- Отстранување на комунален отпад
- Отстранување на индустриски отпад
Овие закани се поврзани со урбанизацијата и зафаќање на живеалиштата и вознемирување на видовите на целата територија на Македонија. За жал, овие закани се многу раширени, интензивни и промените кои ги предизвикуваат не можат да се отстранат.
- Лов со замки, труење и криволов
Криволовот е главна причина за намалување на популациите на срни и дивокози, а преку намалување на природниот плен влијае и на намалување на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Користењето на отровни мамки доведе до исчезнување на брадестиот и црниот мршојадец и до драстично намалување на популациите на египетскиот и белоглавиот мршојадец.
- Недостиг или погрешно насочени мерки за зачувување на природата
- Загадување на подземните води од локации за отстранување на отпад
- Дифузно загадување на подземните води од земјоделство и шумарство
Последните две закани се однесуваат на раширената употреба на хемиски средства во земјоделството, како и непостоењето на санитарни депонии со водонепропустлив слој. Ваквото загадување е особено сериозно бидејќи е поврзано со езерски басени, како Преспанското Езеро.
2. Клучни сектори кои влијаат врз биолошката разновидност
Според Националната стратегија за биолошка разновидност на С.Македонија, клучните три сектори кои влијаат врз биолошката разновидност се земјоделство, шумарство и управување со водите.
Овие сектори имаат сериозна улога во нашата држава, која се соочува со поинтензивен економски раст, неретко по цена на природата. Единствениот начин да се зачува биодиверзитетот е да се работи само на одржлив развој кој нема да го забави економскиот раст а ќе придонесе кон унапредување на животот на граѓаните.