Зачувување на биодиверзитетот во С. Македонија

Кој е одговорен? 

Законодавството за зачувување на биодиверзитетот, стратешките документи за зачувување на биодиверзитетот и прогласувањето на заштитени подрачја во С.Македонија е задача на Собранието на Република Северна Македонија и Владата. Државен орган кој ги спроведува и надгледува сите закони и стратешки документи е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). 

Покрај различните сектори на МЖСПП во рамките на истото министерство постои и Национален комитет за биолошка разновидност кој ја следни имплементацијата на Конвенцијата за биолошка разновидност на Обединетите Нации. 

Најголем дел од јадрата на биолошката разновидност во Македонија се наоѓаат во заштитени подрачја (сепак, има многу локалитети кои сè уште не се прогласени за заштитени подрачја) и во нив управувањето со разновидноста е одговорност на управувачите – јавните установи за управување со националните паркови („Маврово“, „Галичица“, „Пелистер“ и „Шар Планина“), јавното претпријатие „Национални шуми“ и останати јавни претпријатија кои управуваат со заштитени подрачја од различни степени.  

Голема одговорност кон зачувувањето и одржливото користење на биолошката разновидност има и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое раководи со заштита и одржливо користење на шумите и другите шумски производи, регулирање на ловот и риболовот, развој на органско земјоделско производство, заштита на агробиолошката разновидност, заштита на животните и растенијата од болести и штетници итн. 

При анализите кои се направени за извештај кон Конвенцијата за биолошка разновидност најголемите предизвици за зачувување на биолошка разновидност во Македонија се недостигот на капацитети во Секторот за природат во МЖСПП, непостоење посебна стручна институција на национално ниво за заштита на природата и недоволен капацитет на локално ниво (особено општините што се номинирани како субјекти за управување со заштитени подрачја) за спроведување активности за заштита на природата. 

Ваквите предизвици и недостатоци делумно се надополнуваат од страна на невладини организации кои делуваат во областа на заштита на природата, но и таму постои уште простор за нови организации и уште поголема граѓанска вклученост.