Граѓанска наука

Научниот пристап кон зачувување на биолошката разновидност е единствениот пристап кој носи долгорочен успех. Науките кои денеска придонесуваат кон овој успех се повеќе од биологија т.е. екологија и интередисциплинарниот пристап е единствениот кој е прифатлив во денешни услови. Тоа значи дека луѓе од многу научни области соработуваат и создаваат решенија и пристапи за делување. 

Во држави како Македонија, каде научниот потенцијал не е секогаш лесно достапен или многуброен има простор за вклучување на граѓанска наука т.е. доброволно вклучување на граѓаните во спроведувањето на научни истражувања.  Овие истражувања имаат методологија која ја спроведуваат научници а кон која можат да придонесат граѓани со свои податоци. Начините на кои можат да делуваат граѓаните се различни, од дигитализација на стари бродски дневници за да се придонесе кон разбирање на климата во минатото, преку броење на птици во сопствениот двор за да се разберат промените во преселбата на птиците, до играње компјутерски игри кои собираат податоци за невроните во човечката ретина. Многу од поновите примери на граѓанска наука се насочени на заедницата во која живеат граѓаните кои учествуваат во нив и за собирање на податоци се користат мобилни телефони или таблети кои обезбедуваат и геолокација на податоците. 

Еден од најпознатите и најстарите примери за граѓанска наука е среднозимскиот меѓународен цензус на водни птици кој се спроведува повеќе од 50 години. Во овој проект тимови на волонтери (кои имаат познавање од водни птици) од цела северна полутопка излегуваат на терен во ист ден и ги пребројуваат птиците на водните површини во нивна близина. Сите податоци потоа се предаваат на научници кои ги анализираат. Податоците од овие цензуси потоа се користат во скоро сите глобални стратегии и документи за зачувување на животната средина. Во Македонија, овој цензус го спроведува Македонското еколошко друштво со своите волонтери повеќе од десет години. 

Сличен проект е „Предизвик: Природа в град“ кој се спроведува од 2016 година. Овој проект ја користи бесплатната мобилна апликација (и вебстрана) iNaturalist изработена од страна на Академијата на науки на Калифорнија и National Geographic. Со помош на оваа апликација граѓаните може да ги забележат и внесат податоците за било кој сегмент од живот свет, од растенија до цицачи кои се наоѓаат во нивниот град и така да се натпреваруваат за град со најголема биолошка разновидност. 

Апликацијата iNaturalist, e неверојатен бесплатен ресурс за сите граѓани кои сакаат да дадат придонес кон зачувувањето на природата. Таа е лесно достапна, не само зашто е бесплатна туку зашто не е потребно ни претходно големо познавање за идентификација на видовите кои граѓаните може да ги сретнат. Самата апликација користи вештачка интелигенција за идентификација на внесените податоци (слика, видео, звук) а идентификацијата е потоа потврдена од научниците кои доброволно придонесуваат. Апликацијата може да користи за развивање на училишни, локални или национални проекти за истражување на скоро сите теми поврзани со биодиверзитетот.