Членување во невладина организација

Во Македонија делуваат повеќе невладини организации кои имаат опции за зачленување, волонтирање, стажирање или други начини на кои граѓаните може да им се приклучат. Најдобриот начин да се најде соодветна невладина организација за темата во која вие сакате да делувате е да истражите која организација работела на таа тема или ја истакнала темата како свој интерес. Откако ќе пронајдете која или кои организации работеле на темата можете да ги контактирате и да дознаете на кој начин би можеле да им се приклучите. 

Во случајот на зачувување на биодиверзитетот невладините организации најчесто делуваат со тоа што обезбедуваат поддршка и критика за националните институции кои ја покриваат дадената област. Тие може да дадат научна, образовна, популарна и слична поддршка на институциите кои често се соочуваат со недостаток на капацитети. Невладините организации може и да обезбедат поддршка за правилно донесување на политики, закони и други значајни документи со кои се управува зачувувањето на биолошката разновидност. 

Некои невладини работат и строго на локално ниво, каде обезбедуваат поддршка на локалните заедници со кои соработуваат. Оваа соработка може да биде во областа на образование, зачувување на диви видови, заштита на предели, зачувување на традиционални начини на управување со ресурси или слично. Иако во Македонија сè уште немаме пример, низ Европа, невладините често се управувачи со помали заштитени подрачја. 

Невладините организации може да спроведуваат и научни истражувања во поддршка на зачувувањето на биолошката разновидност. Овие истражувања се спроведуваат секогаш пред да се спроведат директни конзервациски (заштитарски) активности на терен или пред да се спроведат активности кои може да предизвикаат закани за природата. Невладините организации често вклучуваат волонтери, стажанти или асистенти кои се подучуваат и кои придонесуваат кон истражувањата. Научните истражувања кои ги спроведуваат невладините организации многу често вклучуваат и граѓанска наука.