Биодиверзитетот на РСМ низ бројки

Благодарение на истражувањата на биолозите од Македонија и од други држави, нашиот биодиверзитетот може и да се квантифицира: 

  1. Во Македонија има околу 3500 видови на растенија. Особено е интересно дека имаме многу балкански и локални македонски ендемски растенија (120 локални ендеми), а имаме и шест нови видови за науката кои се откриени неодамна. Растенијата во Македонија најмногу се загрозени од уништување на нивните живеалишта а особено се ранливи оние растенија кои живеат во близина на водни површини. На Глобалната листа на IUCN има многу растенија кои се наоѓаат кај нас, 82 вида од кои барем 19 се локални ендеми; имаме 51 строго заштитени и 151 заштитени растенија. 

  1. Цицачите во Македонија се најпознатите и најлесно препознатливите животни, од нив имаме 85 вида. Седумдесет и седум видови на цицачи се автохтони (потекнуваат од нашето поднебје) а 8 се алтохтони (донесени од други региони). Во Македонија има и шест ендемски видови на цицачи (сите се мали цицачи), но имаме и ендемски подвидови како што е локалниот подвид на стоболката, балканската дивокоза и добропознатиот балкански рис кој има јадрена популација во Западна Македонија. Планините на Западна Македонија имаат најголем биодиверзитет на цицачи. Пет видови на цицачи се сметаат за ранливи а балканскиот рис е критично загрижен подвид со помалку од 50 возрасни единки. 

  1. Птиците во Македонија се претставени со 334 вида, од кои 215 се станарки гнездилки и преселни гнездилки. Птиците се најмногу загрозени од уништување на нивните живеалишта, па така од Македонија се истребени најмалку осум видови на птици (најмногу птици од водните површини) а уште десетина се загубени како гнездилки. Египетскиот мршојадец и степскиот сокол се глобално загрозени видови кои сè уште може да се најдат во Македонија, а кадроглавиот пеликан и царскиот орел се ранливи. На национално ниво во големо опаѓање е популацијата на белоглавиот мршојадец и степската ветрушка. 
  1. Во Македонија има 32 видови на влекачи, од кои 4 се желки (две водни, две сувоземни); 12 се гуштери и 16 се змии. Имаме два балкански ендемски гуштери и една ендемска змија. За жал, има многу малку квантитативни истражувања за влекачите во Македонија, но сепак знаеме дека остроглавата лутица (змија) е глобално ранлив вид а близу засегнати се блатната желка, ридската желка и змијата ждрепка. 

  1. Водоземците во Македонија се претставени со само 14 видови од кои 9 се жаби и пет се дождовници и тритони. Меѓу водоземците од Македонија нема засегнати видови на глобално ниво. 
  2. Рибите во Македонија се претставени со околу 85 вида од кои 19 се алохтони (донесени од други региони). Скоро сите во Македонија знаат дека имаме ендемски видови на риби, па така најбогато со ендеми е Преспанското Езеро каде дури 8 од 11 видови се ендемски. Охридското Езеро со 8 ендемични видови од своите 21 автохтон вид. Рибите се сериозно загрозени со внесувањето на видови на риби од други подрачја, во Преспанското Езеро на пример, се внесени 12 алохтони видови на риби. 
  3. Диверзитетот на алги во Македонија брои 1722 видови но во оваа група се очекуваат многу нови пронајдоци. 
  4. Габите се добро истражена група во Македонија и за нив постои и Националната колекција на габи која се наоѓа на Природно-математичкиот Факултет во Скопје. Во Македонија има над 2000 видови на габи. Лишаите што се релативно послабо истражени и познати се околу 450 видови. Досега знаеме дека 21 вид од габите на Македонија се категоризирани според критериумите на IUCN како критично загрозени.