Биодиверзитетот на Република Северна Македонија

Нашата држава како земја која е сместена во срцето на Балканскиот Полуостров е дел од втората најголема жешка точка за биолошка разновидност во светот – Медитеранското сливно подрачје. Оваа жешка точка покрива територија од повеќе од два милиони квадратни километри и се протега на два континента.  Главната причина за големата разновидност на видови на Балканскиот Полуостров е послабата глацијација (ледено доба) и постоењето на континуирана шумска вегетација во јужните делови со што овие простори ја зачувале биолошката разновидност, но придобиле и многу нови видови. 

Ако ги разгледуваме пределите на Македонија според тоа кои видови живеат во нив (биоми) тогаш ќе заклучиме дека имаме осум од деветте Балкански биоми: медитерански приморски шуми и макии, медитерански полупустини, субмедитерански балкански шуми, балканско-централноевропски шуми, европски шуми од типот на тајга, високопланински камењари, тундра и пасишта, медитерански шуми на камењари и јужнобалкански планински камењари и суви пасишта. 

Во С. Македонија, дополнително, има и два региона кои се класифицирани како исклучително богати со ендемити (видови кои може да се најдат на мал географски предел) – планините на границата помеѓу Македонија и Грција (Пелистер, Кајмакчалан и Кожуф) и на границата помеѓу Македонија и Албанија (Шар Планина и Кораб).